БАЈКА ЗА ПРИНЦЕЗАТА ИРИ
Снежана Иљоска-Наумовска
„Бајка за принцезата Ири“ од Снежана Иљоска-Наумовска претставува стихувана бајка која како текст е подлога на раскошно илустрирана книга за деца. Основните бајковни елементи се вешто искомбинирани и сплотени на класичен начин, така што јунаците на сторијата се типично бајковни и се наоѓаат во типично бајковни простори и ситуации, а во исто време кореспондираат со имагинацијата на современото дете и со основните воспитни параметри за заштитата на доброто, пријателството, играта, емпатијата, заедништвото.
Оваа бајка во себе ја компримира богатата бајковна традиција од различни културни средини, но она што ја прави посебна е тенката нишка што едвај ли ја одвојува од нашата реалност и современост. Зад богатиот превез на имагинацијата се кријат основните потреби на современото македонско дете да го разграничи доброто од злото, да биде секогаш на страната на светлината, да се охрабрува за авантури, да се осмели да се бори за своите цели, да го цени пријателството, да го очекува триумфот на љубовта. При читањето на бајката се доживува сплет од најраспространетите бајковни формули во светската имагинативна литература, поедноставени и доведени до степен на јасност и разбирливост и за децата од нашево време, така што класичните мотиви се преплетуваат со мотиви кои реферираат на светот на денешното дете.