Илустрираната букварка „Букварче, мое друграче “ на авторката за деца
Сузана Мицева може да се чита како сликовница, стихозбирка, но и како методски прирачник во изучувањето на македонската азбука. Авторката вешто си игра со поимите, ја буди детската фантазија и ја разгорува нивната имагинацијата. Она што особено паѓа во очи е едноставниот пристап, богатите ситихви, но и вкрстената рима којашто е исклучително важна за децата на оваа возраст.
Оваа илустрирана букварка е резултат на високо професионална тимска работа. Стиховите, како појдовна точка, го мотивираат и инспирираат уредникот да креира интерактивни активности, а илустраторот, со својот вешт дизајнерски пристап, визуелно да им ги приближи како стиховите, така и дадените предизвици покрај секоја буква.
Имајќи ги во предвид целите на актуелните наставни концепции во предучилишното и раноучилишното воспитание и образование, кои подразбираат високи литературно-естетски и креативни методичко-дидактички пристапи по пат на учење низ игра, оваа букварка во целост одговора на сите предизвици во реализирање на воспитно-образовниот процес на едно дете, како во градинките и училиштата, така и во домашни услови.
Проф.д-р Ана Витанова Рингачева