Во книгата “Златното јаболко и други бајки” се објавени следните четири бајки “Волшебниот пат до златното јаболко”, “Писмо до чичко Лом - најголемиот светски сом”, “Од Никаде до Некаде и од Некаде до Никаде”, “Мајката Ѕвездалија и нејзинитедванаесет ѕвездички”.Во сите нив е присутна еколошката тема, преку која авторот проговорува за новиот современ, урбан и брз живот полн со предизвици и изненадувања.Писателот е обземен од сегашното живеење во градот, но истовремено се навраќа и на случувањата и спомените од детството поминати во село.Во тој волшебен спој и круг, всушност, се одвиваат и течат неговите бајки каде главни јунаци се токму децата соочени и во дијалог со родителите, но и воопшто со светот на возрасните.Бајките учат и подучуваат што е добро а што лошо, да се разликува убавото од грдото и да се издвојува вистинското од лажното.Но, бајките во оваа книга, колку и да се надреални и фантастични, тие како да се случуваат во стварноста, искрени се и доживеани, па дури би рекле и дека се единствени и неповторливи.Тие не се само авторски доживеалици, ниту се само поучни приказни - иако се пред сè тоа, туку се и опомени, водичи и патокази кон поубаво и посреќно утре...