Долината на Богатството била сопственост на тројцата браќа Шварц, Ханс и Глук. Двајцата браќа Шварц и Ханс се опишани како, цитирам: „многу грди луѓе, со надвиснати веѓи и мали, тапи очи секогаш полузатворени“, просто кажано грди на лик, ама и лоши по душа (не значи дека ако некој не е убав по правило треба да биде и лош, ама браќата од писателот навистина се опишани како лоши луѓе). Најмалиот Глук, дванаесетгодишно момче, бил нивна спротивност – мирно, тивко и послушно момченце кое ги трпи сите нечовечки и груби постапки од браќата и без никаков збор исполнува сè што ќе му наредат. Контрастите провејуваат низ страниците на книгата и пред нас се појавува светлото – кое носи среќа и насмевка (глук, што на германски значи среќа) наспроти темното (шварц, што на германски значи црн), доброто наспроти лошото, добродетелството наспроти алчноста, чесноста наспроти измамата и сè така слика, по слика се редат настаните коишто не нè оставаат рамнодушни. Ако се постави прашањето: што се случи со браќата, со Златната река, со Кралот?, одговорот е во оваа книга, мала по обем, но со голема порака за дарежливоста, ведрината, чистото срце и несебичноста, кои можат сè да победат.