„Старецот и морето“ — роман на американскиот писател Ернест Хемингвеј, напишан во 1951 г. на Куба, а објавен една година подоцна. Ова е последниот роман објавен од страна на Хемингвеј додека тој бил жив. Се смета за едно од неговите најпознати дела, во кое се раскажува за борбата на старецот Сантјаго со големата риба марлин, која ја лови надвор од патеката на Голфската струја.
Дејството во овој краток роман се одвива три дена, каде што старецот Сантјаго рибари на отворено море и има намера да улови голема риба. Старецот сам во морските далечини успева да ја фати рибата, што за него како и за секој друг риболовец претставувало животна преокупација. Во почетокот, по затегнувањето на конецот на јадицата, тој почувствувал дека уловил нешто необично и е свесен дека ќе претстои голема борба. Тој имал желба и потреба барем еднаш да ја види рибата, за да знае со каков опонент ќе си има работа и каква тактика ќе мора да примени. Но рибата долго останува во морските длабочини и со својата сила му задава големи тешкотии на старецот. Тој сета своја физичка сила и умствена напнатост морал да ја концентрира врз оптегнувањето на конецот и на движењето на рибата. Секое мало невнимание би можело да и даде можност на рибата да се откачи и со тоа сите надежи да бидат залудни. Сам, изложен на суровоста на океанот и жештината на сонцето, тој ги собира сите сили за да ја победи големата риба. И кога успева да ја совлада рибата, са појавува несовладлива опасност - доаѓаат ајкулите и му ја јадат рибата. Останува само костурот од рибата. Но старецот е задоволен што во борбата со големата и силна риба тој победува. И така влечејќи го костурот по чунот тој се враќа во пристаништето како победник. Рибарите во пристаништето се изненадени како успеал старецот да улови толкава риба. Тие се свесни дека тоа било негова победа.
Книгата е изборна лектира за деветто одделение.