Ефтим Клетников
Нашиот поет и писател Ефтим Клетников е добитник на наградата "Григор Прличев" за поемата "Големото незнаење", која победи на традиционалниот конкурс на "Детска радост". Делото на Клетников на конкурсот беше пријавено под шифра "777", а било одбрано како најдобро од 14 пријавени текстови. Жирито во состав: Петар Т. Бошковски, претседател, Георги Старделов и Иван Џепаровски, ја оценило поемата како творба што потекнува од искусен автор. - Поемата "Големото незнаење" е поетски дискурс во кој филозофската импрегнација доследно ја формира пораката за обнова на сакралното чувство спрема светот - се вели во одлуката на жирито. Речиси половина од пристигнатите поеми на конкурсот биле со исклучителен квалитет, но комисијата едногласно решила за наградената поради нејзината супериорност, рече Старделов.