Станува збор за топла, емотивна и хумана приказна за 14-годишната Божана, која мајка ѝ од милина ја вика Цутинка. Божана проекциите на својот младешки и полетен дух ги реализира пишувајќи и цртајќи, бидејќи е хендикепирана и зависна од својата инвалидска количка. Чувствата, желбите и амбициите на Божана и на нејзината мајка и нереализирана писателка Стефанија, Петревски ни ги открива преку паралелните дневници кои ги проследуваме на страниците на овој роман. И додека Божана го сонува својот принц – „Јавачот на божилак“, мајка ѝ е опседната со помислата дека нејзиното девојче е тажно и осамено. Ведрина внесува најдобрата другарка на Божана – Ханка, која е непоправлив оптимист и верува дека со операција во Франкфурт, Божана може да застане на нозе. Дали Божана ќе ја дофати светлината на крајот од тунелот и ќе го најде „Јавачот на божилак“, останува на читателите да откријат.